The Importance of Being Gleeful

Ahoy there! Welcome! My blog awaits you.

Sunday, February 26, 2012

№1

Блогов го имам отворено пред 6 ипол години. Кога уште бев во средно. Како денес се сеќавам со колку само жар објавував купишта текстови, слики и фотографии, повеќето од нив адолесцентни изблици на емоции. Останатите сум во бунило било како да ги оквалификувам. Иако тврдев дека станува збор за дневник, дека не ме интересира кој што има да каже во врска со содржината на мојот блог, вистината беше дека, на почетокот, цели ноќи не преспивав обновувајќи ја страницава и чекајќи некој да ги примети моите длабоки мисли, досетливи слики, волшебни фотографии. Идеално, тоа требаше да биде некоја нова мистериозна личност, со која би развиле длабоко разбирање еден за друг, би разменувале креативни џусови и, ако така требало да биде, зошто да не, би станале страсни љубовници. Секако, доколку се работеше за девојка. Веројатно. Иако, еден од тројцата луѓе што ми имаа оставено коментар на некои од објавите, би бил резервиран и по тоа прашање. Преостанатите двајца луѓе кои го посетија тој мој чудесен емоционален ролер-костер од блог, кои влегоа во скришната одаја на мојот дворец од сништа, кои зачекорија во мрачната зандана на моето педантно рацио, кои ги узнаа моите најдлабоки чезнеења и се задлабочија над бунарот без дно на моите тмурни беседи, беа две мои средношколски другарки. Тие добро ме познаваа и од денешна дистанца би рекол дека во поголема или помала мера се обидуваа да одговорат на она што го барав (мистериозна, а по можност гипка и љупка романтична душа од спротивниот пол). Од денешна дистанца би додал и дека овие нивни обиди да изгледаат како некаква волшебна самовила, притоа наполно свесни каква деветина е сето тоа, а сè со цел да ме легнат така замелушен од нивните чари, тотално би ме купиле. Тадури филмски звучи. Секако дека сега би сакал да мешам душевни џусеви или што годе со две интелигентни, креативни и со смисла за хумор девојки подготвени да појдат на такви епски авантури низ кичот и изнасиленоста за еден врел и интензивен средношколски... емотивен пинг-понг или што и да е тоа со што сум го прекривал потајниот копнеж за водење љубов. Е ама тогаш успеав да ги прочитам! Тогаш значи, како што веќе реков моето рацио беше педантно и проникливо и јас точно знаев како да го избегнам тоа што ми требаше. Маестрално ги дешифрирав од денешна перспектива секси пукнатините во нивните самовилски аватари, херкулесто им одолеав на нивните алузии и архимедовски им докажав дека мојот бунар е предлабок за нивните продриви погледи... и дека не го заслужувам нивното време, не па нивната гипкост или љупкост или чедност. Ах... Нејсе, отсуството од било каква повратна информација дека некој четврт го следи мојот блог не ме обесхрабруваше. Не се откажував јас, како што се приметува, така лесно. Потребно беше самиот да престанам да си го читам блогот за конечно да спласне продукцијата на нови постови. Притоа последните објави личеа на последните филмови на Ед Вуд. Во сите смисли на споредбата. Потоа следи долга пауза; ова е многу благ термин. Заборав звучи поадекватно. А потоа значи, заборав. Штама! Но тоа во никој случај не сакам да се сфати како креативен блок. Она што се смени беше само медиумот. Па така, отворив прво Hi5, па MySpace, па Facebook, па Twitter и таму продолжив да објавувам нови текстови, нови фотографии, секогаш свежи, секогаш досетливи. Можеби мистериозната самовила се престори во амбициозна политичка истомисленичка или нешто трето, но шаблонот главно остана непроменет. Hi5 ми донесе среќа, да бидам искрен. А покрај такво шармантно катче за изложување на оригиналноста на безброј талентирани млади луѓе каде на друго место би нашол права, автентична самовила? Секако, само откако конечно ме маѓепса права, вистинска, автентична самовила ли ја увидов креативноста, убавината, едноставноста во преправањето самовила со задни намери. Ама сега толку авантуристички другарки немам. Едната има дечко што личи на Сајмон ЛеБон, а другата е среќно мажена. И така, некаде пред пола година, откако мачно го прелистав блогот за последен пат, решив да се збогувам со повеќето од постовите во него. Една од двете средношколски другарки ова доста ја натажи. Ми рече дека мојот блог ѝ будел убави спомени, а бил и интересен дел од тоа што сум. Можам да разберам зошто нејзе ѝ изгледа тоа така. Мене, се надевам подеднакво разбирливо, тоа не ми изгледа така. Имено, мојот блог ми буди болни сеќавања и за мене претставува дел од тоа што несомнено сум бил (самовил, принц и сколар) ама и тоа што сакам да заборавам дека можам повторно да бидам (самовил, принц и сколар секако). Сепак, оставив паметник, спомен-објава за моите бурни романтични доживелици на мрачниот пат кон себе-сознавањето, светол симбол на страданијата на еден млад синоок самовил, јарко жарче што вечно ќе тлее во име на моите волшебнички дни... како и да сум ги нарекувал оние непријатни средношколски моменти кои те оставаат во грч секојпат кога на нив ќе ти текне. Ја оставив првата објава, заради сентименталната вредност, а и затоа што објективно беше најдобрата и најискрената објава на целиот блог. Практично сè што сум сакал да кажам во понатамошните објави било веќе содржано во неа.

Сега, како феникс, овој блог ќе отпочне нова ера. Но овој пат, после многу неуспешни обиди, ќе полета и ќе се вивне во литерарните височини!

( ? )

3 Comments:

  • At 5:21 PM, Blogger equus said…

    Retko se slucuva da procitam nesto tolku iskreno i milo mi e sto ovoj blog seuste postoi posle tolku godini. Fabulously pink! Se nadevam deka nema da zgasne i so netrpenie gi cekam novite postovi... pozdrav od http://www.angelfire.com/indie/disssolved_igloo/1about_me.html so http://www.angelfire.com/indie/disssolved_igloo/1poetry.html

     
  • At 9:57 AM, Anonymous Anonymous said…

    vrska nemav za blogov:))))

     
  • At 6:50 AM, Blogger Fokavius Foklić said…

    Дигресија: Кога ќе внесеш „The Importance of Being Gleeful + Fokavius,“ Google најдобронамерно те прашува: „Did you perchance mean «The Importance of Being Flavius,» kind sir/madam?“ Мислам убаво ми доаѓа кога се обидува да ми ја доврши реченицата со „The Importance of Being Earnest,“ тоа патем и беше поентата, ако добро се сеќавам, ама Флавиус... ФЛАВИУС? Who or what... THE FUCK... is а Flavius? Some Brazileño dancing on the streets of Rio, being all smart-alec and everything? Stupid Google...

     

Post a Comment

<< Home