The Importance of Being Gleeful

Ahoy there! Welcome! My blog awaits you.

Sunday, March 11, 2012

№2, I

Група од тројца адолесценти тивко мрморат на португало-француски на спротивниот крај од трамвајот. До нас, баба со блажена насмевка на лицето веројатно си се присеќа на убава епизода од својот живот. Иако ми беше дополу свртена со грб, надвор беше доволно темно за да ѝ го видам изразот на лицето преку одразот во прозорецот, а доволно светло за да приметам дека поминуваме низ една стара населба со потесни улици. Мириса на мешавина од бело вино и гумени бомбони. Неколку реда седишта пред нашите еден до друг седат средовечен маж и девојче од десетина години. Или тие или една девојка во розев костим што седи до вратата од десната страна го шират овој мирис. Претпоставувам. И додека проценувам дали девојчето и најверојатно татко ѝ но можеби и постариот брат се враќаат од неделната посета на баба им на пример, еве некоја баба со насмевка слична на онаа седната до нас‒зошто да не, или девојкава сместена до најблиската врата оди на состанок и има, да речеме, вкус за парфем каков што има за облека, познат компјутеризиран женски глас ја најавува следната станица. Нашата станица.

„Ајде бабо, овде се симнуваме.“ ѝ велам на баба ми. Заедно одиме на концерт за органа во една протестантска црква, на една улица над езерото.

Со мислите сеуште сум во трамвајот и се прашувам од кого потекнуваше таа миризба. Многу баби им даваат гумени бомбони на внуките и бело вино на татковците или постарите внуци при неделните посети и многу девојки сакаат да мирисаат слатко можеби?

Влегуваме во црквата во моментот кога еден дедо ја завршува последната мисла од неговиот воведен говор. Точно навреме. Патем две многу насмеани девојки ни делат програма. Се сместуваме додека триесетмината присутни го удостојуваат дедото, кој ми изгледа како добар и богобојазен човек, со тенок аплауз. Дедото има неверојатно дедовски сив џемпер и очила со златни рамки, а на програмата, читам, се Варијациите Голдберг од Јохан Себастијан Бах.

Во средишниот дел на црквата има монтирана трибина со централно поставени седишта и скалички за приод на двата краја. Лево и десно, пак, од централната трибина се надоврзуваат две крила што не ја следат степенесто нагоре, ама затоа се благо наклонети кон сцената. Се сместуваме во третиот ред од десното крило. Целата конструкција е дрвена и претпоставувам првпат поставена во време кога Дејвид Боуви сеуште бил новост бидејќи уште при првиот чекор изоден по десната крилна платформа засегнатите даски оддаваат полутап, тенгав, заоблен по ивиците, но толку добро увежбан звук што нивната офтика најлесно може да се апроксимира ако се претпостави дека се изострувала низ неколку болни децении. Последниот ракоплесок штотуку се стиша. Забавата може да почне.

№2, II

Арија

Баба ми шепотејќи ме прашува нешто за изведувачот и во истиот момент една жена пред нас се врти и и таа шепотејќи почнува да нѝ објаснува како треба да бидеме тивки. Во интерес на тишината само климнувам со глава дека сум сфатил. Жената искрено ми се насмевнува пред да се сврти. Сега не можам да ѝ се лутам. Пред насмевката знам што ќе си речев: „Што ми елаборира тука ако сака тишина? Eдно отсечно, авторитетно шшт! ќе беше доволно!“ Ама после тој финален гест, сега не можам а да не си ја замислувам како фина жена што ги поседува во неколку различни аранжмани варијацииве. Веројатно живее со ќерка ѝ, студентка со пријатен карактер и лош вкус за облекување. Додека шетам со поглед низ просторијата ја разгледувам можноста девојката во розевиот костим од трамвајот всушност да била - еј ама интересна вазна стои до ѕидот зад сцената - всушност, да била нејзина ќерка. Ја отфрлам идеата како застарена неколку века за да биде интересна дури и кога би се покажала како точна. Сега приметувам дека трибината е поставена да гледа кон органата. „Интересно.“ си велам и ѝ дозволувам на музиката да ги поплави овие мисли. Според мене орнаментите ја камуфлираат меланхолијата на аријава. Добива човек латентна спокојна тага кога ја слуша. Како оној необјаснив пријатен пад во расположението што некогаш ме обзема во моментите кога се врти некоја песна додека на екранот поминува програмата за денот или кружат стрелките на некој пикселиран тркалезен часовник пред да започне воведната шпица за вести, а јас само што сум седнал пред телевизор, уште облечен ко за надвор, тукушто вратен од некаде. Крајот на аријата ми го дефокусира погледот и приметувам дека би можел подобро да се наместам на столчето.

Варијација 1

Седам исправен и првава варијација уште повеќе ме згрчува. Гледам во органата, брзината на темпото не ми дозволува да си го замислам органистот, а крајот ме остава да седам престегнато. Со одекот на последната нота добивам слика на полничок млад органист со нагласено интелектуални очила.

Варијација 2

На баба ми ѝ е досадно. Почнува да цупка со десната нога и да гледа во програмата. Мислам дека на почетокот сакаше да ми каже дека слушаме снимка. Каква снимка? Баш во оваа варијација се чувствува човечки фактор. Еден пребрзо изведен акорд при почетокот што ме потсети на светлозелена боја, синтисајзер и ќебапчиња во комбинација со цупкањето на баба ми ме натера да воздивнам во себе. После воздишката се осетив чудно подобро. Мислам дека е до пријатниот мирис што еманира од еден млад пар што влезе предмалку и застана покрај нас. Пред да заврши варијацијата, со сериозност можна само додека се слуша Бах, почнувам да ги замислувам двајцата како потскокнуваат на ливада. И тие се сериозни во потскокнувањето. Рипкаат плански, расположено, ама без широки насмевки. Подолго од вообичаено се задржуваат во воздухот.

Варијација 3

До парот стојат неколку крупни постери што промовираат некоја книга за „големата авантура наречена брак.“ Се нагласува дека авторката е пастор во некоја приградска населба. На еден од постерите има илустрација на брачен пар седнат во смешно претоварена кола. Колата ја гледаме одзади, како заминува. На друг постер се дава извадок од книгата: „Еден дел од вас, и тоа вашата потсвест, поради некоја причина ја одбрала токму оваа, а не некоја друга личност...“ Мелодијата спокојно се усложнува и како да ми вели да ја оставам оваа мудрост од мисла да помине. Подолу во извадокот се објаснува како секој човек има свој начин на бидување и како сите бидувања се подеднакво вредни. „Ах, портите на мудроста се отвараат пред мене...“ морав да прокоментирам во себе. Крајот на варијацијата инсистира да ја оставам книгата да си биде и ја придвижува пренатоварената кола со брачен пар подлабоко во постерот. Заедно со колата се губат и последните звуци од варијацијата. Инцидентно, парот застанат до постерот си заминува, а влегува поголема група луѓе.

Варијација 4

Почетните ноти го прекинуваат цупкањето на баба ми на кое сосема заборавив. Еден дедо во предните централни редови почна да ја навалува главата де налево, де надесно, демек во ритамот на музиката, ама крајно пацерски. Како цупкањето да се реинкарнирало во движењата на тој човек. Во повисоките централни редови еден млад маж со склопени очи суптилно го впива ритамот со целото тело. Дали е до возраста или до заинтересираноста, разликата во фаќањето на ритамот? Музиката го игнорира моето непристојно прашање и елегантно, само за миг, згаснува.

Варијација 5

Влегува убава млада девојка, ко за мене, а музиката инстантно продолжува. Ја гледам како седнува до мене. Мило ми е што седи до мене и криво ми е што сега нема да може непречено да се ѕверам во неа. Среќата, значи, ми поминува брзо како и варијацијава.

Варијација 6

Го прегледувам целиот десен ѕид за да најдам нешто интересно. Тогаш би можел гледајќи во тоа нешто да продолжам периферно да ја меркам девојката. Брзо одам од столб до столб, со повремени задржувања на некои од луѓето кои седат на долгнавести клупи, потпрени со грб на ѕидот. Бинго! Две спомен-плочи што отсекогаш сум сакал да ги прочитам. Искрено. Последните две ноти неприметно, на заминување го поздравуваат моето автентично интересирање за спомен-плочите.

Варијација 7

Едната плоча ја одбележува двестагодишнината од изградбата на црквата. Изградена била од локалните луѓе за да им подарат духовен дом на протераните протестанти од соседната земја, а девојката до мене полузаспано блене во некоја точка. За момент, откако проценив во себе каде отприлика ѝ се сопнал погледот, се свртев во таа насока, а потоа продолжив да ја читам втората спомен-плоча. Патем првата била напишана на почетокот на 20ти век. Музиката се движи на прсти помеѓу благородниот чин на мештаните од пред сега веќе 300 години и замисленоста со која девојката до мене веројатно брои колку свеќи горат закачени на една конструкција од жици што би требало да претставува некој вид - хаха, да -порта, поставена длабоко во сцената. Портата на мудроста, несомнено. Инаку, на сцената централно место зазема говорницата на пасторот, а зад и скоро целосно над неа се наоѓа органата.

Варијација 8

Жичаната порта полека ми го одзема вниманието. Пред да заборавам, втората плоча беше за луѓето кои пред некоја деценија придонеле да се реставрира внатрешноста на црквата. Луѓе кои религиозно го слушале Дејвид Боуви можеби. Кога последен пат видов девојката гледаше, ако не се лажам, во дедото што со страничен клат ја преместуваше главата одлево надесно, па назад. Сигурно не го следи овој ритам како што треба. Ритамот на варијацијава всушност сака да каже: „Не клати глава по мене! “ Или нешто слично.

Варијација 9

Мислам дека органистот особено добро ја изведе оваа варијација. На пример, Глен Гулд, во верзијата од 1955та година, сега гледам дека премногу брзо, премногу џезесто ја отсвирел. Ама сигурно во подоцнежните негови обиди ја отсвирел некако поинаку. Треба да најдам поскорешна негова изведба на овие варијации. Или можеби е до аранжманот за органа. Сосема надвор од контекст, едно младо момче делува како да му е досадно додека полулегнато седи на своето столче во еден од погорните централни редови.

Варијација 10

После една интензивна анализа на жичаната порта, помудар можеби, здогледувам едно мало девојче со кики на една од долгнавестите клупи покрај десниот ѕид. Нозете не ѝ достигнуват до подот, па со двете одделно прави две мали кругчиња во воздухот.

Варијација 11

Низ испреплетените арпеџа слушам гласно воздивнување во горните централни редови. Скоро сум сигурен дека се работи за момчето. Со секој нареден трил неговото тело се повеќе оддава впечаток дека нема да издржи на столчето до крајот на концертот. Си замислувам како сосема случајно завршил во црквава. Излегол од дома за да се прошета низ град, му здодеал животот, сакал да направи нешто лудо. И тогаш го приметил плакатот пред црквата, злочесто се насмевнал и решил да оди на концерт барокна музика со органа. Лудо. Само што варијацијата 11 сега му објаснува дека не е особено очајно заинтересирана за неговата авантура. Целата внесена во себе, органистот во неа - јас патем во прикаскава за младово момче - си продолжува да се гледа себе си како се извива нагоре. Ако си дојден намерно да си поминеш филмски, претпоставувам дека заликува на сврдло што неуморно и индиферентно ти ја пенетрира и притоа дрма сталоженоста. Некои од арпеџата сепак се навраќаат кон младичот обидувајќи се да му се доближат со нивната сентиментална нишка. Тие веројатно во најголема мера го изнудија неговото збоктисано воздивнување. Воздишката на органата, пак, на крајот од варијацијата беше поскротена и во секој случај позадоволна од себе.

Варијација 12

Со затворени очи мадро слушам. Мислам на црн мачор што се шета низ градина. Додека неуморно брка големо балонче од сапуница меѓу тревата наоѓа светлосино парче скршена пластика, побелено околу местото каде што се откршило од предметот кому му припаѓало. Двапати го подбуцнува со шепата, потоа со минимум непотребни движења ја прескокнува оградата.

Варијација 13

Се обидувам, поради некоја причина, да си ги замислам сите места во мојот живот, во моментот непосредно откако сум ги напуштил. Колку долго светлосиното парче пластика ќе стои во истата положба и кој ќе биде следниот што ќе го здогледа? Однадвор придушено се слуша ѕвоното на трамвајот. Внатре младото момче сè помалку го држо место. Носи бели пантолони и бел дуксер, во целосен контраст со темнокафеавата боја на неговата кожа.

Варијација 14

Се присетувам на еден Велигден на викендица пред 17 години. Се кршиме со јајца. Јас и чичко ми најмногу се внесуваме во кршењето. Останатите главно пијат ракија, се смеат и зборат за сончаници. Чичко ми ми дава дрвено јајце. Им ги кршам јајцата на неколку роднини, а потоа одеднаш сите почнуваме да скокаме во базенот. Споменот се гаси претварајќи се во портокалова боја на зајдисонце што ми остава чувство на пријатна избледеност.

Варијација 15

Сега базенот на викендица мора да е запуштен и полн со жаби. Се прашувам дали сеуште растат јаготки зад него?

Варијација 16

Органистот ја почнува увертирава доста свечено. Сакам да видам кај гледа сега девојката до мене, но очите ѝ се затворени. Баба ми ја помина фазата кога си заложник на концерт за кој си имал поинакви очекувања, се предаде и сега видно ужива во раскошноста на звукот. Мило ми е што ѝ предложив да дојде со мене. Уште од овој момент знам дека во трамвај накај дома ќе одиме и двајцата пријатно исцрпени. Си замислувам како е да се биде црн мачор во двор полн јаготки додека си ловиш жаби во запуштен базен пазејќи притоа да не паднеш во него. Гледаш како се крши светлосино пластично шише Сјај од кое во тој момент никнува едно балонче и се упатува кон девојката што седи до мене која во тој момент го крши јајцето на чичко ми седната на ивицата од светлозелената дрвена летна маса на нашата викендица надвор од мојот роден град едно бледопортокалово зајдисонце во раните деведесети! Никој не те приметува. Не е многу различно од бивањето светлосино скршено парче пластика, ама е доста забавно. Треба да се проба.

Варијација 17

Ми текнува на сите обврски што ги имам за наредната недела. Прво ми доаѓаат навидум помалку битните, потоа објективно поважните. При крајот од варијацијата го чувствувам погледот на младото момче.

Варијација 18

Повторно ја разгледувам внатрешноста на црквата. Ѕидовите се протестантски празни. Од сцената се извиваат три широки платнени ленти кон горниот лев агол и три исти такви ленти кон горниот десен агол од црквата. По две портокалови и по една црвена во двата правци. Влезот во црквата е спроти органата, зад монтираната трибина. До трибината инаку се стигнува странично, околу двете крила. Левиот приод поминува низ импровизирано фоаје со три жолти фотељи и ниска масичка во аголот. Во аголот пак од приодот на десната страна има врата што низ прастари спирални скали води до неукрасена дрвена галерија што кружи околу целата црква и на спротивниот крај се поврзува со органата. На седиштата во галеријата право над влезот седат само две тетки облечени и двете во зелени јакни. Убаво се свртев за да ги видам. Нивните јакни и музиката во позадина делуваат смирувачки.

Варијација 19

Некој во левото крило полупридушено кивна. Немам убав поглед кон тоа крило, ама според кивањето би рекол дека се работи за уште една средовечна жена. Тие го сочинуваат најголемиот дел од публиката. Десно и лево од органата има два огромни композитни прозорци. Низ нив од мојата позиција може да се види квечерното небо и само тоа. Се обидувам низ целата варијација да следам еден од гласовите гледајќи наизменично во по еден од шеснаесетте квадратни исечоци од темносина боја десно од органата. Опкружени се со строги пожолтени нијанси на бело, а поделени со прости црни линии. Разгледувајќи ги, секој исечок со задоцнување ме тера да вдишам на различен начин. Навистина.

Варијација 20

Конечно сфаќам дека вазната десно од жичаната порта ме потсеќала на недооформен паун. Сега ми се мешаат два спомена. Првиот, од едно магаре што брка еден паун за да му ги изеде перјата - сцена што еднаш ја проследивме со брат ми во обиколка на една фарма. Вториот е спомен на еден наш семеен пријател кога бил 17 годишен средношколец во тогашен Ленинград. Трчајќи накај дома му се скршиле двете шишиња водка што ги носел во својот ранец. Во еден миг додека го отворал ранецот гледајќи во срчите и мирисајќи го алкохолот сфатил дека го живее највозбудливиот дел од животот и се осетил вистински жив. Момчето во бело на кое му е здодевно мора да ја доживува самата спротивност од споменот на мојот драг тогаш 17 годишен пријател, бидејќи со своето нервозно цупкање успева со особено чувство да го фати тактот на варијацијата. Како вртоглавава варијација да му ја запоседнала десната нога, а остатокот од телото во грч и неверица сеуште се созема од губењето контрола над неа.

Варијација 21

Почетокот на оваа варијација е толку свеж и пренесува толку неотповикливо чувство на итност што ми ги пробива мислите и сетилата. Делува како да е компонирана вчера, во исто време барокна и... R&B! Темпото што го пронаоѓа органистот ја разоружува органата од својот авторитет. Нејзиниот звук никогаш не ми бил поблизок и поовдешен-и-сегашен. Не можам да мислам. Потребни биле веројатно десетина болни крици на даските на десниот крај од трибината за да забележам дека - да! бев во право - младото момче нагласено ноншалантно слегува по скалите. Но, и овој негов последен обид преку ноншалантно и гласно заминување среде варијацијата 21 да открадне барем еден мал момент адолесцентна гордост завршува трагично со едно громогласно, одекнувачки непријатно и од длабочините на пеколот‒зошто да не, измолкнато шшшт!

...

Со ококорени очи некаде петнаесетмина ја гледаме љубителката на музиката што го произведе тој звук. Таа веројатно сака да слуша снимка од варијациите. Момчето се сепна, од пркосот во неговиот став сега веќе ни атом, и низ еден молбен поглед реторички, во еден долг, болен момент, како да ја прашува: „Што да правам?“ Не ни можејќи да погледне по гримасниот одговор, со страотно внимание се обидува што понеприметно да ги избегне даските поставени во некое друго време. Ама овие најмали, најнечујни крици на сите ни ја параат спокојноста. Варијацијата совршено ја дополнуваше и преплавуваше атмосферата. Како да знаеше дека момчето не може да ја чуе - момчето нема да може ништо да слушне уште неколку мачни моменти - само тажно го испрати од десната страна скоро точно до влезната врата. Требаше само да продолжи по скаличките, најрамнодушно, како ништо да не било. Ќе си заминеше задоволен, а никој немаше ни да го примети. Никој што го слушаше Бах, мислам.

Варијација 22

Се погледнуваме со баба ми. Таа ми испраќа зачудена отсутна насмевка и за момент повторно почнува да цупка. Еден занесен трил успева да ја растера натежнатоста во воздухот.

Варијација 23

Брзо влегува средовечен низок маж со црна залижана коса. Преку одот дава до знаење дека не е тука за концертот, а преку шеретската насмевка дека Бах не му лежи на срце. Се поздравува со девојката до мене додека со погледот ѝ вели: „Хехе, слушај си ти слободно, а јас брзо да се мавнам одовде.“ Варијацијава e доволно наивнa и заигранa за да не се задлабочува во малиов разговор на кој штотуку бев сведок. Камо сега даски што о-лелекаат под неговите чекори па меломанката него така висцерално да го прекореше. Сите ќе се насмееја во себе, ми се чини најпрви нискиот маж со шеретски поглед и чеднава варијација 23! А и јас.

Варијација 24

Со особена задршка органистот скоро прекасно ги отсвирува нотите на оваа варијација. Ова ѝ ја открива романтичноста на еден грандиозен и во исто време неприметлив начин. Грандиозен заради тонот на инструментот, неприметлив заради продолженоста на звуците што произлегуваат од неговите туби. Најдесно во најпрвиот среден ред, постар маж толку многу ја наведнува главата нанапред што одзади изгледа како никогаш да немал глава на рамениците, толку статично и незгрбавено му делува грбот. Носи црна, припиена до телото ролка што исто така доста помага во оставањето нежив впечаток. Имаше комплетно побелена коса додека сеуште му се гледаше тилот, инаку.

Варијација 25

Измеѓу сите варијации, да напоменам, внимателно ги читам двете спомен-плочи на десниот ѕид. Бавноста на мелодијава ме прави свесен за моите вдишувања и издишувања. Приметувам дека мирисот во просторијата мора се менувал со текот на концертот. На почетокот беше силен и грубо привлечен, се сеќавам, ама сега е толку дискретен и благ што, враќајќи се наназад заклучувам дека промената била постепена. Ништо страшно, мирисите ветреат - ме изненади промената на карактерот на овој мирис. Ова ќе звучи патетично можеби, како да созревал мирисов, ете на тоа мислам! Со каква непосредност семејниот пријател нѝ го раскажуваше мигот кога ја фатил, скоро како од страна, убавината на неговата младост, колку беше возбуден. Сеуште звучеше шармантно надмен - се работи за многу шармантен човек, со гранично остра смисла за хумор исто така - ама се гледаше дека уште му поминуваат морници кога го преживува тој настан, после толку години. Мислам дека сум немал таков момент во мојот живот, кога свесно сум ја доживеал неговата важност во мојот живот. Тогаш, во самиот момент. Секогаш отпосле, при навраќања, ми се осветлувале совршени слики од мојот живот. Само преку времето сум можел да стапнам надвор од себе и да разгледам, како сега со мирисот во просторијава. Повеќе од бавно, секоја нота изгледа како глатко да напредува преку огромни пространства. Навистина, мојот тогаш 17 годишен пријател успеал да го суспендира времето, и тоа интуитивно, без умисла, без напрегнатост. Ја сфатил младоста, додека бил млад, затоа што бил млад, така некако. Имаат ли сите луѓе таков момент? Ако имаат, кога ќе биде мојот, е веројатно најпогрешното прашање, што сега си го поставувам и земам долг здив.

Варијација 26

Целата оваа варијација ми звучи како преобразено и забрзано ехо на претходната. Брза за да фати временски приклучок, а просторно да се успори. Како кога се обидувам да застанам со милион ситни чекори после долго отсутно трчање, пред да се удрам во нешто. И забрзано дишам додека ми заруменуваат образите и си ги слушам се погласно и потапо чекорите во мојата глава помешани со пулсот. Нагло закочувам пред жолта канта за отпадоци во бетонскиот школски двор на моето основно училиште, а погледот уште малку ми продолжува, во паркчето на крајот од дворот.

Варијација 27

Низ целата варијација го имам истото чувство како кога спаструвам туце извиткана од пишување хартија. Два реда пред нас, една жена се спрема да си оди и шеговито ѝ испраќа заканувачки поглед на ќерка си - мало девојче кое, веќе на нозе, се брлави околу седиштето без притоа да направи врева.

Варијација 28

Почетните неколку фрази, преку органистот стануваат свесни дека се наоѓаат при крајот на концертот. Понатаму варијацијата продолжува како кога тетка ми ја собира масата додека сеуште сум кај неа на гости, но се спремам да си одам. Различно се раскрева масата додека сеуште имаш гости на одење и кога веќе сите се отидени. Дедото што го најави концертот поминува покрај нас и за момент резултантниот мирис наликува на чоко-локум. Го прегледувам целиот плафон барајќи да не има случајно, како во една друга црква покрај езерото, скулптура од гулаб во лет во реална големина под врвот на некој свод. Без успех. Можеби одлетала‒зошто да не?

...

Не? Само, не.

Варијација 29

Како кога при расплетот на некој настан одеднаш и неизбежно се случуваат големи придвижувања и промени - сите изгледаат толку природни, чудно инертни и скоро независни од самиот настан, што никој претходно не мисли на нив и никој отпосле неможе да си го замисли светот без нив - така сега варијацијата 29 ги разоткрива сите елементи од делото што сите во перфектна игнорантност „знаеме“ дека се таму. И откривајќи премногу, те остава, сократовски, во нова, уште подлабока, покомплетна неизвесност. Црниот мачор преку оградата скокнува во Античка Грција, право на мевот на Сократ, кој личи на дедо ми. Исто и се смее како дедо ми. Приметувам дека се имам насмеано до болка.

Варијација 30

Во една таква атмосфера кога, да речеме, и едно бледопортокалово заоѓање на Сонцето би изгледало неочекувано и ново предизвикувајќи запрепастени погледи со комична зазјапаност дури, во последнава варијација Бах вдахнува нешто невозможно - хумана, топла препознатливост. Како? Па преку ведрината на овој кводлибет кој органата до декаденција полно го разнесува низ целиот простор. Баш така! Ми текнува на мојот гимназиски професор по филозофија кој исто така, им предавал и на мајка ми и татко ми. Во еден од неговите кратки филмови, глуми човек кој го победува компјутерот внесувајќи среќа во неговото поведение. Демек, само тоа нешто компјутерот не може да го предвиди, што на човекот му доаѓа со толкава леснотија, толку природно - од срце да се насмее. Патем, професорот во филмот не оддава впечаток како да се смее од срце. Повеќе звучи како еден овчар што со чудни крици ги тера овците по падините на планината на која доста често се искачувам кога сум во мојот роден град. А и изгледа некако чудно додека се смее, компјутерот во битката на умови му ја начнал спонтаноста можеби. Ама се сомневам дека е тоа и почнувам незадржливо да се смеам во себе. Убавата девојка до мене ме приметува и ми се насмевнува назад. Каква фина девојка!

Главна арија

Додека дедото се враќа по истиот пат по кој се изгуби зад трибината - овој пат чоко-локум ефектот во воздухот не се повтори - а мајката што се подготвуваше да замине конечно се упатува кон влезната порта со ќерка ѝ под рака, мелодијата со која започна овој концерт сега полека нè испраќа. Овојпат орнаментите, изведени од органистот, ми се чини, само малку поспорадично, не ја кријат меланхоличната црта на аријата. Самата меланхолија, сега е облагородена. Место атмосфера на некогаш, се создава чувство за таму. Имаш чувство дека можеш да го земеш споменот како откршено парче светлосина пластика. Знаеш дека можеш, а музиката создава нестабилен баланс помеѓу желбата да го земеш или сепак да го оставиш да избледи преку инкандесцентно-портокаловата светлина на залезот на еден ден.

Уште еднаш ги читам спомен-плочите додека аплаудирам. Органистот беше слаб и постар, инаку. Потоа стануваме со баба ми и заедно одиме кон излезот. Надвор е вечер, а на неколку станици од нас се слуша ѕвоното на трамвајот што ќе нè однесе дома.